Jeet Kune Do

Едноставноста е најбрзиот пат до успехот, па затоа ЏКД делува брзо и едноставно и во реална ситуација ги применува сите оние техники што се најреални и во моментот најкоректни. ЏКД му дава предност на одсуството на облик, на форма, зашто тогаш ги зема сите техники што му се потребни за да ја постигне целта. Во Џит Кун До важи една мудра изрека „Доволно е доволното“. Додека некој вежба ЏКД мора да биде динамичен, активен, но во реална борба мора да биде смирен. Секогаш кога се увежбуваат техниките, тие се увежбуваат реално, со реална брзина и сила, затоа што само така нашиот сложен ум ќе ги примени техниките што сме ги увежбувале. ЏКД не се занимава како би не нападнал некој во реална ситуација, туку оди директно во јадрото на проблемот и се брани и напаѓа на најприроден начин, ослободен од сите стеги на традиционалните сваќања како во другите боречки вештини. Го зема она што му е потребно и го отфрла она што му пречи, така на некој начин формира свој систем на борба. ЏКД не се занимава со убави техники за око, односно не се труди да воодушеви некого, туку да ја заврши работата на најбрз и најефикасен начин. Влева реална самодоверба во оној кој го вежба, наспроти лажната самодоверба која се добива од традиционалните стилови. ЏКД го принудува вежбачот да размислува и да си ја прилагоди вештината на своите потреби и можности за да биде природен, а не да го стави во стеги и да го принудува да се одредува вештачки по одредени шаблони.

Џит Кун До-то е како вода, значи исто како што водата се прилагодува на садот во кој е ставена , така и вештината се прилагодува на настанатата ситуација. Во една изрека се вели: „Со прст ќе ти покажам кон небото, но не се фокусирај на врвот на прстот зошто ќе ја испуштиш целата убавина на небото.“ Така и ЏКД е еден вид патоказ на патот кон самооткривање и саморазвивање.
 
Многу вежбачи сакаат нешто повеќе и нешто различно секој ден, секој тренинг, но не ја сфаќаат суштината на основните движења и техники. Ако градите куќа и ако темелите се слаби, колку и да е скапа и убава таа куќа нагоре, секогаш ке постои можност при најмал потрес таа да се сруши. Значи во ЏКД основата е најважна, а не атрактивните техники. Без форма не значи дека немате ни една форма, туку дека ги поседувате сите форми, без пат не значи дека немате ни еден пат, туку дека ги имате сите патишта и моќта да го изберете најкраткиот и најприлагодниот за Вас пат. Во ЏКД нема ништо измислено, туку претставува еден систем на техники позајмени од многу боречки вештини кои веќе постојат и се комбинирани така да дадат најдобар резултат во дадена ситуација. Не се работи на тоа да се стекнуваат нови работи, туку секојдневно да се отфрлаат непотребни работи кои го оптеретуваат вашиот ум и го попречуваат во неговото делување. При вежбањето на боречките вештини има неколку „болести“ и тоа се: желбата да се победи, желбата да се покаже она што сте го научиле, желбата да се преплаши противникот итн. ЏКД ве учи тие болести да ги излечите. Уметноста живее онаму каде што е слободата, а токму тоа е ЏКД. Секогаш имаме повеќе доверба во она што го имитираме, одколку во она што сами најприродно би го извеле. ЏКД ве учи да ги следите принципите, но не по секоја цена да ја „имитирате“ техниката, затоа што имитирањето не е лично искажување, туку шаблон, рутина, а рутината е лоша работа. За да бидеме нешто повеќе од она што сме, треба прво да сме свесни што сме сега. ЏКД представува оружје за совладување на сопственото его, сопствените емоции. Ако нападот е најдобра одбрана, Ве учи во конкретна ситуација први да нападнете и на тој начин да се одбраните.
 
Познавањето на самиот себе е основа на ЏКД.

 

 

THE STRONGEST Macedonia © 2009 Developed by shizikot